15 Ги внесе во Господовиот Дом посветените дарови на татка си и своите: сребро, злато и садови.
16 Имаше војна меѓу Аса и Васа, израелскиот цар, во сите нивни денови.
17 Израелскиот цар Васа нападна на Јудеја и почна да ја утврдува Рама, за да му го спречи секое движење на јудејскиот цар Аса.
18 Тогаш Аса зеде сребро и злато, што останало во ризницата на Господовиот Дом и во ризницата на царскиот дворец, и им го даде на своите слуги та ги испрати кај Вен-Адад, синот Тамримов, синот Есионов, арамејски цар, кој престолуваше во Дамаск, и му порача:
19 ”Нека биде сојуз меѓу мене и тебе, како што беше меѓу мојот и твојот татко; еве, ти праќам дар - сребро и злато: ајде, раскини го сојузот со израелскиот цар Васа, за да отиде од мене.”
20 Вен-Адад го послуша царот Аса и ги испрати своите војсководачи против израелските градови, та тие ги покорија Ијон, Дан, Авел-Вет-Мака, сиот Хинерот и сета Нефталимова Земја.
21 А кога Васа научи за тоа, прекрати да ја утврдува Рама, и се врати во Терса.