36 Кога беше време за да се принесе вечерната жртва, пророкот Илија пристапи и рече: „Господи, Боже Аврамов, Исаков и Израелев, објави денес дека Ти си Бог во Израел, дека јас сум Твој слуга и дека по Твоја заповед го направив сè ова.
37 Послушај ме, Господи; послушај ме, за да знае сиот овој народ дека Ти, Господ, си Бог и дека Ти ќе ги обратиш нивните срца.”
38 И Господов оган падна и ги голтна паленицата и дрвата, камењата и правот, дури и водата во ровот ја исуши.
39 Сиот народ се исплаши, луѓето паднаа ничкум и рекоа: „Господ е Бог! Господ е Бог!”
40 Илија им рече: „Фатете ги Вааловите пророци, за да не избега ниеден од нив!” И тие ги фатија. Илија ги одведе до потокот Кисон и таму ги погуби.
41 Илија му рече на Ахава: „Оди горе, јади и пиј, зашто го слушам шумењето на дождот.”
42 Додека Ахав отиде горе да јаде и да пие, Илија се искачи на врвот на Кармил, се наведна кон земјата и го скри лицето меѓу колената.