1 Цареви 19:11-17 MKB

11 Гласот му рече: „Излези и застани во гората пред Господа. Еве Господ тукушто поминува.” Пред Господа беше силен виор, толку силен што ги дробеше брдата и ги кршеше ридовите, но Господ не беше во бурниот виор; по бурниот виор беше земјотрес, ама Господ не беше во земјотресот;

12 а по земјотресот беше оган, ама Господ не беше во огнот; по огнот шепот на лесно и благо тивко ветре.

13 Кога Илија го чу тоа, го скри лицето со наметка, излезе, и застана при влезот во пештерата. Тогаш гласот му проговори и му рече: „Што бараш тука, Илија?”

14 Тој одговори: „Ревнував мошне многу за Господа над Војските, зашто Израелевите синови го напуштија Твојот Завет, ги разурнаа Твоите жртвеници и со меч ги погубија Твоите пророци. Останав сам, а тие бараат и мене да ми го одземат животот.”

15 Господ му рече: „Оди, врати се по истиот пат во Дамаската Пустина. Кога ќе дојдеш, помажи го таму Азаил за цар на Сирија.

16 Помажи го Јуј, синот Нимсиев, за цар над Израел, а Елисеј, синот Сафатов, од Авел Меол, помажи го за пророк место себе си.

17 Кој ќе избега од Азаиловиот меч, него ќе го погуби Јуј; а кој ќе избега од Јујиниот меч, него ќе го погуби Елисеј.