1 Цареви 19:15-21 MKB

15 Господ му рече: „Оди, врати се по истиот пат во Дамаската Пустина. Кога ќе дојдеш, помажи го таму Азаил за цар на Сирија.

16 Помажи го Јуј, синот Нимсиев, за цар над Израел, а Елисеј, синот Сафатов, од Авел Меол, помажи го за пророк место себе си.

17 Кој ќе избега од Азаиловиот меч, него ќе го погуби Јуј; а кој ќе избега од Јујиниот меч, него ќе го погуби Елисеј.

18 Но си оставив во Израел седум илјади луѓе, кои не се поклонија пред Ваала, и сите усти, кои не го целиваа.”

19 Тој отиде и на враќање го најде Елисеја, синот Сафатов, како што ора: пред него дванаесет двојки впрегнати волови, самиот беше кај дванаесеттата. Илија помина покрај него и ја фрли на него својата наметка.

20 Тој ги остави воловите, потрча по Илија и рече: „Дозволи ми да ги прегрнам татка си и мајката, па ќе тргнам по тебе.” Илија му одговори: „Оди, врати се, зашто што ти направив?”

21 Тој го остави, зеде двојка волови и ги жртвува. Со воловскиот плуг испече месо, и им го даде на луѓето да јадат. Потоа стана и тргна по Илија за да му служи.