2 Тогаш Језавела му испрати гласник на Илија со порака: „Боговите нека ми ги направат сите зла и нека придадат, ако утре во ова време не направам со твојот живот како што направи ти со животот на секој од нив!”
3 Тој се исплаши, стана и отиде за да си го спаси животот. Дојде во Вирсавеа, која е во Јудеја, и таму го отпушти својот момок.
4 А самиот отиде ден одење во пустината; седна таму под смрека, посака да умре и рече: „Веќе ми е доста од сè, Господи! Земи ја мојата душа, зашто не сум подобар од своите татковци.”
5 Потоа легна и заспа. Ама ете, ангел го допре и му рече: „Стани и јади.”
6 Тој погледна, кога ете - покрај неговото возглавје: леб печен на камен и врчва со вода. Јадеше и пиеше, па пак легна.
7 Но Господовиот ангел се јави и по вторпат, го допре и рече: „Стани и јади, зашто пред тебе е далечен пат!”
8 Стана, јадеше и пиеше. Закрепнат од таа храна, одеше четириесет дена и четириесет ноќи сè до Божјата Гора Хорив.