1 Цареви 19:7-13 MKB

7 Но Господовиот ангел се јави и по вторпат, го допре и рече: „Стани и јади, зашто пред тебе е далечен пат!”

8 Стана, јадеше и пиеше. Закрепнат од таа храна, одеше четириесет дена и четириесет ноќи сè до Божјата Гора Хорив.

9 Таму влезе во една пештера и преноќева во неа. И ете, Господови слова дојдоа кај него: „Што бараш ти тука, Илија?”

10 Тој одговори: „Ревнував многу за Господа, за Бога над Воинствата, зашто Израелевите синови го напуштија Твојот Завет, ги разурнаа твоите жртвеници и ги погубија со меч Твоите пророци. Останав сам, а тие бараат и мене да ми го земат животот.”

11 Гласот му рече: „Излези и застани во гората пред Господа. Еве Господ тукушто поминува.” Пред Господа беше силен виор, толку силен што ги дробеше брдата и ги кршеше ридовите, но Господ не беше во бурниот виор; по бурниот виор беше земјотрес, ама Господ не беше во земјотресот;

12 а по земјотресот беше оган, ама Господ не беше во огнот; по огнот шепот на лесно и благо тивко ветре.

13 Кога Илија го чу тоа, го скри лицето со наметка, излезе, и застана при влезот во пештерата. Тогаш гласот му проговори и му рече: „Што бараш тука, Илија?”