1 Цареви 21:1-7 MKB

1 По тие настани се случи ова: Езраелецот Навутеј имаше лозје во Езраел покрај дворецот на Ахава, самарискиот цар,

2 и Ахав му рече на Навутеја: „Отстапи ми го своето лозје, да ми биде зеленчукова градина, зашто е близу до мојата куќа. Јас ќе ти дадам за него подобро лозје, или, ако го сакаш тоа, ќе ти дадам сребреници колку што чини.”

3 Но Навутеј му рече на Ахава: „Господ да ме запази од тоа да ти го отстапам наследството на своите татковци!”

4 Ахав се врати дома гневен и лут заради зборовите што му ги рече Езраелецот Навутеј: „Не ти го давам наследството на своите татковци.” Легна на постела и го сврти лицето, и не сакаше да вкуси храна.

5 Му дојде неговата жена Језавела и рече: „Зошто си нерасположен и не се грижиш за храната?”

6 Тој и одговори: „Му зборував на Езраелецот Навутеј и му реков: ‘Отстапи ми го своето лозје за сребреници, или, ако ти е помило, ќе ти дадам друго лозје за него’. Но тој ми рече: ‘Не ти го давам своето лозје.’”

7 Тогаш неговата жена Језавела рече: „Ти си оној кој царува над Израел! Стани и јади, и биди со добра волја. Јас ќе ти го дадам лозјето на Езраелецот Навутеј.”