1 Цареви 22:34-40 MKB

34 Еден без размислување го оптегна лакот и го погоди со стрелата израелскиот цар меѓу набраницата на појасот и оклопот. Царот му рече на возачот: „Заврти, извади ме од бојот, зашто не ми е добро.”

35 Во оној ден бојот беше сè пожесток, ама царот се држеше исправено во бојната кола спрема Арамејците. А навечер умре. Крвта од раната се излеа по колата.

36 При зајдисонце екна глас низ логорот: „Секој во својот град и секој во својата земја!

37 Царот загина!” Отидоа во Самарија и го закопаа царот во Самарија.

38 Ја измија неговата кола во Самарискиот Рибник, и кучињата ја лижеа неговата крв, и блудници се капеа таму, според словото што Господ го рече.

39 Другите Ахавови дела, сè што направил, за куќата од слонова коска, за сите градови што ги изгради, зар сè тоа не е во книжниот свиток Летописи на израелските цареви?

40 Ахав почина со своите татковци, и неговиот син Охозиј зацари место него.