1 Цареви 3:1-7 MKB

1 Соломон се спријатели со фараонот, египетскиот цар: се ожени со фараоновата ќерка, и ја доведе во Давидовиот Град додека не ја сврши градбата на својот дворец, на Господовиот Храм и на ѕидовите околу Ерусалим.

2 Народот пак принесуваше жртви на високи места, зашто уште не беше изграден до тоа време Храм на Господовото име.

3 А Соломон го љубеше Господа: се управуваше според наредбите на својот татко Давид, само принесуваше жртви и кадеше на високите места.

4 Царот отиде во Гаваон за да принесе жртва, зашто таму беше главниот жртвеник. Соломон принесе илјада паленици на жртвеникот.

5 Во Гаваон Господ му се јави на Соломона ноќе во сон. Бог рече: „Барај што да ти дадам.”

6 Соломон одговори: „Многу наклонет беше кон Својот слуга Давид, мојот татко, зашто одеше пред Тебе во верност, справедливост и чесност на своето срце; и му ја запази таа голема милост и даде еден од неговите синови да седи на неговиот престол.

7 Сега, о Господи, ти го направи цар Својот слуга на местото на мојот татко Давид, а јас сум уште сосем млад, та уште не знам да владеам.