1 Цареви 5:6-12 MKB

6 Затоа сега заповеди да ми насечат кедри на Ливан; моите слуги ќе бидат со твоите слуги, и јас ќе им ја платам надницата на твоите слуги според сè како што ќе ми одредиш. Ти знаеш добро дека кај нас нема луѓе кои што умеат да сечат дрва како Сидонците.”

7 Кога Хирам ја прими Соломоновата порака, многу се зарадува и рече: „Нека е благословен денес Господ, Кој му даде мудар син на Давида, кој управува со овој голем народ.”

8 И Хирам му јави на Соломона: „Ја примив твојата порака. Ќе ја исполнам во сè твојата желба за кедровите дрва и за чемпресовите дрва.

9 Моите слуги ќе ги пренесат од Ливан до морето, ќе ги сложам во сплавови и ќе ги пуштам по морето до местото што ќе ми го одредиш; таму ќе ги одврзиме, и ти ќе ги земеш. Ти пак ќе ја исполниш мојата желба и ќе дадеш храна за мојот дом.”

10 Хирам му даваше на Соломона кедрови и чемпресови дрва колку што сакаше,

11 а Соломон му даваше на Хирама дваесет илјади кори пченица за храна на домашните, и дваесет илјади кори масло од цедени маслинки. Толку му даваше Соломон на Хирама од година во година.

12 Господ му даде мудрост на Соломона, како што му беше ветил; меѓу Хирам и Соломон владееше мир, та тие склучија сојуз.