1 Цареви 8:23-29 MKB

23 и рече: „Господи, Израелев Боже! Ниеден бог не Ти е сличен ни на небесата ни долу на земјата, Тебе Кој ги пазиш Заветот и љубовта кон Своите слуги, што чекорат пред Тебе со сето свое срце.

24 На Својот слуга Давид, на мојот татко, Ти му исполни што Си му ветил. Што Си ветил со Својата уста, го исполни со Својата рака токму денес.

25 Сега, Господи, Израелев Боже, исполни му на Својот слуга, на мојот татко Давид, што Си ветил кога Си рекол: ‘Нема пред мене да ти снема наследник кој ќе седи на Израелевиот престол, само ако твоите синови ќе ги чуваат своите патишта, одејќи по Мојот закон како што си одел ти пред Мене.’

26 И сега Господи, Израелев Боже, нека се исполни Твоето ветување што Си му го дал на Својот слуга Давид, на мојот татко!

27 Но зар Бог навистина ќе престојува среде луѓето на земјата? Та небесата ни небесата над небесата не можат да Го опфатат, а камоли овој Дом што сум го изградил!

28 Внимателно послушај ги молитвата и викањето на Својот слуга, Господи, Боже мој, та послушај ги викањето и молитвата што Твојот слуга Ти ја упатува Тебе!

29 Нека Твоите очи дење и ноќе бидат отворени над овој Дом, над ова место за кое што рече: ‘Тука ќе биде Моето Име.’ Послушај ја молитвата со која Твојот слуга ќе се моли на ова место.