1 Цареви 8:26-32 MKB

26 И сега Господи, Израелев Боже, нека се исполни Твоето ветување што Си му го дал на Својот слуга Давид, на мојот татко!

27 Но зар Бог навистина ќе престојува среде луѓето на земјата? Та небесата ни небесата над небесата не можат да Го опфатат, а камоли овој Дом што сум го изградил!

28 Внимателно послушај ги молитвата и викањето на Својот слуга, Господи, Боже мој, та послушај ги викањето и молитвата што Твојот слуга Ти ја упатува Тебе!

29 Нека Твоите очи дење и ноќе бидат отворени над овој Дом, над ова место за кое што рече: ‘Тука ќе биде Моето Име.’ Послушај ја молитвата со која Твојот слуга ќе се моли на ова место.

30 И послушај ја молитвата на Твојот слуга и на Твојот Израелски народ, кога тие ќе се молат на ова место. Послушај од местото каде што престојуваш, од небесата и смилувај се.

31 Ако некој згреши против ближниот и ако му се нареди да се заколне, а заклетвата дојде пред Твојот жртвеник во овој Дом,

32 тогаш Ти чуј ја на небото и постапувај и суди им на Твоите слуги, осуди го виновникот свртувајќи ги неговите дела на неговата глава, а невиниот ослободи го постапувајќи со него според неговата невиност.