1 Тешко им е на оние што смислуваат беззаконие и што подготвуваат зло на своите постели! Штом ќе се раздени, тие го извршуваат, зашто силата е во нивната рака.
2 Посакаат ли полиња, ги одземаат и куќи, ги земаат; им прават насилство на човекот и на неговата куќа, на сопственикот и на неговото наследство.
3 Затоа Господ зборува вака: „Еве, му смислувам зло на тој род, од кое не ќе ги извлечете вратовите, ниту ќе одите горделиво, зашто ќе биде лошо време.
4 Во оној ден ќе биде составена пословица за вас, ќе се запее тажачка и ќе се рече: ‘Пропадна! сосем сме запустени, наследството на мојот народ е оттуѓено, и никој да му го врати, нашите ниви поделени им се на другите народи.’”
5 Затоа не ќе има никој, кој би определил граница за твојот дел во Господовиот собир.
6 „Не пророкувајте, пророци; не пророкувајте им, срамот не ќе се отстрани!
7 О, ти, што се нарекуваш Јаковов дом! Зар Духот Господов е ограничен? Зарем такви Му се делата? Зборовите Мои зар не прават добро на оној кој оди праведно?
8 Вие сами се дигате како непријатели на Мојот народ. На безгрешниот човек вие му ја одземате наметката, на оној кој патува без страв му досудувате воени стравотии.
9 Вие ги истерувате жените на Мојот народ од нивните мили домови; на нивните деца им ја одземате засекогаш славата која им ја дадов:
10 Станете, одете! Ова не е одморалиште! Зашто се онечистивте, тоа ќе ве уништи, да, потполно ќе ве уништи.
11 Кога би можел да биде вдахнат човекот, кој ја измислува оваа измама: ‘Ти пророкувам вино и пијалак,’ тој би бил пророк на овој народ.
12 Ќе те соберам сиот, Јакове, ќе го соберам Израелевиот Остаток! Ќе ги сместам заедно како овци во кошара, како стадо на пасиште - голема врева ќе направат од мноштво на луѓе.
13 Пред нив оди разурнувачот: тие ќе срушат и ќе влезат, низ вратата ќе влезат и ќе излезат; пред нив ќе оди нивниот цар, Господ ќе биде на чело.”