Михеј 4 MKB

1 Ќе се случи на крајот на деновите: Гората на Господовиот Дом ќе биде поставена над сите гори, возвишена над сите брегови.

2 Сите народи ќе одат кон неа, многу племиња ќе дојдат и ќе речат: „Ајде, да се искачиме на Господовата Гора, во Домот на Јакововиот Бог! Тој ќе нè научи на Своите патишта, и ќе одиме по Неговите патеки.” Зашто Законот ќе излезе од Сион, Господовото слово од Ерусалим.

3 Тој ќе управува со многу племиња и ќе им биде Судија на силните народи. Своите мечеви ќе ги исковаат во паличници, а своите копја во српови. Народ не ќе дига меч против народ, ниту веќе ќе се вежбаат за војна.

4 Секој ќе седи мирно под виновата лоза, и под својата смоква, и никој не ќе го плаши. Тоа го рече устата на Господ над Војските.

5 Зашто сите народи одат, секој во име на својот бог, а ние, ние одиме во Името на Господ, нашиот Бог, секогаш и довека.

6 „Во оној ден - говори Господ - ќе ги соберам хромите, ќе ги приберам распрснатите и сите на кои што им нанесов беда.

7 Од хромите ќе направам Остаток, силен народ од оние што се отфрлени. Тогаш Господ ќе владее над нив на гората Сион од сега и довека.

8 И ти Стражарнице на стадата, Тврдино на Сионската Ќерка, пак ќе ти се врати тебе поранешната власт, царството на Ерусалимската Ќерка.”

9 Зошто сега викаш со силен глас? Нема ли цар во тебе? Зар пропаднаа твоите советници да те опфаќаат болките како родилка?

10 Виткај се од болка и пискај, Сионска Ќерко, како жена што раѓа, зашто сега ќе излезеш од градот и ќе живееш во полето. Ти ќе отидеш до Вавилон, таму ќе се ослободиш, таму ќе те откупи Господ од рацете на твоите непријатели.

11 А сега многу народи се собраа против тебе. Тие зборуваат: „Нека се обесчести, нашите очи нека се наситат со Сион!”

12 Но Господовите мисли тие не ги знаат и не ги разбираат Неговите намери; Тој ги собра како снопје на гумно.

13 „Стани! Оврши го житото, Сионска Ќерко, зашто ти правам железен рог и бронзени копита, и ќе сотреш многу народи; ќе му го заветуваш на Господ нивното благо и нивното богатство на Господарот на сета земја.”

поглавја

1 2 3 4 5 6 7