1 Потоа реков: „Чујте сега, главатари на Јакововата куќа, судии на Израелевиот дом! Нели е на вас да знаете што е право? Но вие го мразите доброто и го љубите злото!
2 Вие им ја дерете кожата од телото на луѓето и месото од нивните коски.
3 Тие го јадат телото на Мојот народ и му ја дерат кожата, му ги кршат коските. Тие ги дробат како во грнец, како месо во полн котел!”
4 Затоа, тие ќе Го повикуваат Господа, а Тој не ќе им одговори. Ќе го скрие во тоа време лицето од нив, заради злосторите што ги направиле.
5 Господ зборува вака против пророците кои го заведуваат Мојот народ: Кои гризаат со забите, и прогласуваат: „Мир!” Но против оној, кој не им става ништо во устата навестуваат војна.
6 „Затоа ќе имате ноќ место вашите привиди, и темнина место пророштво. Ќе им зајде сонцето на тие пророци, и денот ќе се стемни за нив.
7 Тогаш гледачите ќе се засрамат и ќе се збунат вражалците. Сите тие ќе ги покријат усните, зашто ќе нема Божји одговор.”
8 Ама јас сум полн со сила и со Господов Дух, полн со правда и со цврстина за да му ја известам на Јакова неговата нечесност, на Израел неговиот грев.
9 И така, чујте го ова, главатари на Јакововата куќа, судии на Израелевиот дом, вие на кои им се гади правдата, та извртувате сè што е правилно!
10 Вие кои го градите Сион со крв и Ерусалим со неправда!
11 Неговите главатари судат според поткупот, неговите свештеници поучуваат заради печалба, неговите пророци претскажуваат за сребреници. А тие се повикуваат на Господа и зборуваат: „Нели е Господ во наша средина? Не ќе навали зло на нас”.
12 Заради вас и вашата вина Сион ќе биде преорано поле, Ерусалим урнатина, а Гората на Домот ќе ја покрие шума.