Михеј 6:5-11 MKB

5 Народе Мој, спомни си сега: Што беше наумил Валак, моавскиот цар? Што му одговори нему Валаам, синот Веоров, (спомнете си за сè збиднато) ... од Ситим до Галгал, за да ги познаеш праведните Господови дела?”

6 Со што ќе дојдам пред Господа, ќе паднам ли ничкум пред Сèвишниот Бог? Ќе дојдам ли пред Него со жртва паленица, со телиња годиначиња?

7 Дали ќе Му бидат мили илјада овни, илјада илјади потоци масло? Треба ли да се принесе првородениот син заради својот престап, плодот на својата утроба заради гревот на мојата душа?

8 Човеку, објавено ти е, што е добро, што бара Господ од тебе: да се прави само правда, да се љуби милосрдието и да се оди смирено со својот Бог.

9 Господовиот глас му вика на градот и мудроста ќе го види Твоето Име: „Слушајте го жезалот и Оној, Кој го определил.

10 Зар можам да го поднесувам богатството во домот на безбожниците, со проклета неполна ефа?

11 Можам ли да го оправдам оној кој се служи со крива мерка, со вреќа со измамливи мерилки?