1 Соломоновата Песна над песните
2 Бакни ме со бакнеж на својата уста, твојата љубов е послатка од вино.
3 Мирис на најдобрите мириси, твоето име е разлеано масло, затоа те љубат девиците.
4 Повлечи ме по себе, да бегаме! Царот ме воведе во своите соби. Ќе се веселиме и ќе се радуваме заради тебе, ќе ја славиме твојата љубов повеќе од виното; достојно е да те љубат!
5 Ерусалимски ќерки, црна сум, но убава, како кедровите шатори, како Соломоновите завеси.
6 Не гледајте дека сум поцрнета, зашто сонцето ме опали. Синовите на мајка ми се разгневија на мене, ме поставија да ги чувам лозјата; а моето лозје, не го чував.
7 Кажи ми ти, кого го љуби мојата душа: каде пасеш? Каде одмараш на пладне? за да не скитам, барајќи те, околу стадата на твоите другари!