1 Колку си убава, моја возљубена, Колку си прекрасна! Имаш очи како гулабица, под твојот превез; косата ти е како стадо кози, што слегуваат од гората Галад.
2 Забите ти се како стадо на остригани овци, кога се враќаат од капење: одат две по две како близначки и ниедна не е осамена.
3 Твоите усни се како лента од црвено предено и твоите зборови се љубезни; твоите образи се како калинкини половинки, под твојот превез.
4 Вратот ти е како Давидова кула изградена за одбрана: илјада штитови висат во неа, сè јуначки оклопи.
5 Твоите две гради, како две срничиња, близначиња, што пасат меѓу лилјаните.
6 Пред денот да издивне и пред да се опуштат сенките, ќе тргнам на смирнината гора и на темјановото бреже.
7 Целата си прекрасна, возљубена моја, и нема недостаток на тебе!
8 Дојди со мене од Ливан, невесто! Дојди со мене од Ливан! Слези од врвот на Аман, од лавските пештери, од горите на рисовите!
9 Срцето ми го плени, сестро моја, невесто; срцето ми го плени само со еден твој поглед, само со еден бисер од твојот ѓердан.
10 Колку е слатка твојата љубов, сестро моја, невесто! Твојата љубов е послатка од виното, а мирисот на твоите масла е попријатен од сите мириси.
11 Саќин мед капе од твоите усни, невесто, мед и млеко се под твојот јазик, а мирисот на твоите облеки е како ливански мирис.
12 Ти си затворена градина - сестро моја, невесто, затворена градина и запечатен кладенец.
13 Твоите подници се калинкина градина, полна со најодбрани плодови: калинка и шафран,
14 мирислива трска и цимет, со сите темјанови стракови, со смирна и алој, со најдобри мириси.
15 Кладенецот е во мојата градина, извор на жива вода што тече од Ливан.
16 Стани: северец! дувни: јужен ветре! Повеј над мојата градина, нека се разнесат нејзините мириси. Мојот возљубен нека дојде во својата градина, за да ги вкуси нејзините најслатки плодови.