П.надпесн. 3 MKB

1 Во своето легло, во ноќите, го барав оној, кого го љуби мојата душа; го барав, но не го најдов.

2 И така, ќе станам и ќе го оптрчам градот, по улиците и раскрсниците, ќе го барам оној, кого го љуби мојата душа: го барав, но не го најдов.

3 Ме сретнаа стражарите, кои го обиколуваат градот: „Дали го видовте оној, кого го љуби мојата душа?”

4 Туку што тргнав од нив, го најдов оној, кого го љуби мојата душа. Го фатив и нема да го пуштам, додека не го воведам во домот на мојата мајка, во спалната на мојата родителка.

5 Ве заколнувам, ерусалимски ќерки, во полските срни и елени, не ја будете и не ја тревожете мојата возљубена, додека самата не посака!

6 Што се дига тоа од пустината како столб од дим, од кадењето на смирната и темјанот и на сите милномирисни правови?

7 Ете, тоа е Соломоновата носилка, околу неа, шеесет стројни момчиња, од најсилните во Израел!

8 Сите се вешти со мечевите, обучени се за војна; секому мечот му е на бедрото, заради ноќните опасности.

9 Царот Соломон си направи престол за себе од ливанско дрво.

10 Ги направи неговите столпчиња од сребро, потпирачите за лакти од злато; седиштето од црвено сукно; сè е украсено внатре, со љубовта на ерусалимските ќерки.

11 Излезете, сионски ќерки, и видете го царот Соломон со венецот, со кој го овенча неговата мајка, во денот на неговата свадба, во денот на радоста на неговото срце.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8