1 Соломоновата Песна над песните
2 Бакни ме со бакнеж на својата уста, твојата љубов е послатка од вино.
3 Мирис на најдобрите мириси, твоето име е разлеано масло, затоа те љубат девиците.
4 Повлечи ме по себе, да бегаме! Царот ме воведе во своите соби. Ќе се веселиме и ќе се радуваме заради тебе, ќе ја славиме твојата љубов повеќе од виното; достојно е да те љубат!
5 Ерусалимски ќерки, црна сум, но убава, како кедровите шатори, како Соломоновите завеси.
6 Не гледајте дека сум поцрнета, зашто сонцето ме опали. Синовите на мајка ми се разгневија на мене, ме поставија да ги чувам лозјата; а моето лозје, не го чував.
7 Кажи ми ти, кого го љуби мојата душа: каде пасеш? Каде одмараш на пладне? за да не скитам, барајќи те, околу стадата на твоите другари!
8 Ако не го знаеш тоа, о, најпрекрасна меѓу жените, излези и следи ги трагите на стадата, и паси ги твоите јариња околу пастирските шатори.
9 Те споредувам со коњите во фараоновите коли, моја возљубена.
10 Прекрасни се твоите образи меѓу ушниците; твојот врат со ѓерданите;
11 ќе направиме златни обетки, за тебе, со сребрени приврзоци.
12 Додека царот се одморува на своите постели, мојот нард мириса.
13 Мојот возљубен е како страк смирна, што почива меѓу моите гради.
14 Мојот возљубен е како кипров грозд од енгадските лозја.
15 О, ти си прекрасна, моја возљубена; колку си убава! имаш очи како гулабица.
16 О, ти си прекрасен, мој возљубен, и љубезен! Зеленилото е наша постела.
17 Кедрите се греди на нашите куќи, а кипарисите покрив.