Проповедник 12 MKB

1 И спомнувај си за својот Создател во деновите на својата младост, пред да дојдат лоши денови и пред да пристигнат годините, кога ќе речеш: „Не ми се милеат.”

2 Пред да се помрачат сонцето и светлината, месечината и ѕвездите, и да се вратат облаците по дождот.

3 Во денот кога затреперуваат чуварите на куќите и се наведнуваат јунаците, и се здодеваат мелничарките, зашто се премалку, и се помрачуваат оние кои гледаат низ прозорците;

4 кога се затвораат уличните врати, ослабува шумот на мелницата, кога стивнува пеењето на птиците и замруваат звуците на песната.

5 Кога патот надолу е мака, и секое излегување закана; а бадемот е во цутење, и скакулецот не скока веќе, и бадемовиот плод пука, зашто човекот си оди во својот вечен дом! А тажачките веќе се движат по улиците.

6 Пред да се скине сребрената врвца и се скрши златната светилка и се распарчи врчвата на изворот и се разбие тркалото над бунарот;

7 и се врати правот во земјата како што дојде од неа; а духот се врати при Бога, Кој го даде.

8 „Суета над суетите,” вели Проповедникот, „сè е суета.”

9 А освен тоа, зашто самиот Проповедник беше мудар, тој и народот го учеше на мудрост, па измери, проучи и состави многу мудри изреки.

10 Воедно Проповедникот се трудеше да најде прикладни зборови и да ја изрази направо вистината.

11 Беседите на мудрите луѓе се како остени и како закачени колци: пастирот се служи со нив за доброто на своето стадо.

12 И на крај, сине мој, знај дека е потребно неизмерливо многу труд за да се напише книга, и дека многу учење го уморува телото.

13 Да го чуеме завршниот збор за сè: „Бој се од Бога, исполнувај ги Неговите заповеди, зашто во тоа е сè за човекот.”

14 Зашто сите скриени дела, било добри или зли, Бог ќе ги изведе на суд.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12