Проповедник 10 MKB

1 Пцовисаната мува го засмрдува мирисливото масло, а и малку лудост му ја расипува мудроста и честа на чесниот.

2 Срцето на мудрецот е на десната страна, а на глупецот на левата.

3 Достатно е лудиот да тргне на пат: бидејќи нема разум, секому му покажува дека е луд.

4 Ако гневот на владетелот се подигне против тебе, не напуштај го своето место, зашто благоста ги спречува големите престапи.

5 Има зло што го видов под сонцето како престап што доаѓа од владетелот:

6 безумните се издигнуваат на највисоки места, а богатите заземаат ниски положаи.

7 Видов слуги на коњи, а кнезови кои одеа пеш како слуги.

8 Кој копа јама, паѓа во неа; кој разурнува ѕид, змија го каснува.

9 Кој крши камења, тоа го повредува; кој цепи дрва, може да настрада.

10 Кога ќе се затапи железото и неговата острица не е наострена, тогаш треба повеќе сила; а успехот е награда на мудроста.

11 Ако змијата касне пред вражањето, тогаш вражачот ништо не користи.

12 Полни се со благодат зборовите од устата на мудрецот, а безумникот го упропастуваат неговите усни.

13 Тој ги почнува своите беседи со лудост и ги завршува со целосно безумство.

14 Лудакот зборува премногу: човекот не ја знае иднината, и кој може да му каже што ќе биде после него?

15 Лудите ги мори нивниот труд; зашто тие не знаат да отидат ни во градот.

16 Тешко тебе земјо, кога ти е царот премлад и кога твоите кнезови се гостат веќе наутро.

17 Блазе ти, земјо, кога ти е царот син на благородник и кога твоите кнезови јадат на време, за да се поткрепат, а не да се испијанат.

18 Од мрзливост се свиткуваат гредите, заради негрижа прокапува куќата.

19 Но гозбите се заради забава, и виното го развеселува животот, а сребрениците набавуваат сè.

20 Не колни го царот ни во својата мисла, не колни го богатиот ни во својата соба, зашто птиците ќе го однесат гласот и сè што е крилесто, ќе ја каже клеветата.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12