Проповедник 6 MKB

1 И видов: има уште едно зло под сонцето, и тешко ги притиска луѓето:

2 некому Бог му доделува богатство и имот и почести, па има сè што му сака душата. Но не му доделува тоа и да го јаде, туку ужива туѓинецот. Тоа е суета и тешко страдање.

3 И велам: подобро е недоносено дете, од оној кој би родил сто деца и би живеел многу години, а самиот не би уживал во благото и не би имал погребение;

4 зашто недоносеното дојде напразно и отиде во темнина, и името му е покриено со темнина;

5 сонцето ниту го виде ниту го созна - а поспокојно е од оној.

6 Па кога би живеел таков живот и две илјади години, а не би уживал во своето благо, зар не заминуваат двата еднакво на исто место?

7 Човекот се труди само за да јаде, а неговата душа никогаш не се наситува.

8 Зашто во што е мудрецот подобар од безумниот, и што да се рече за бедниот кој умее да се однесува пред луѓето?

9 Подобро е да се види со очите отколку да се скита со желби. И тоа е суета и тежина на духот.

10 Што веќе суштествуваше, има име; и се знае што е човек; и тој не може да се суди со појакиот од себе.

11 Зашто има многу нешта кои ја умножуваат суетата, и каква му е ползата на човекот од тоа?

12 Кој знае што е добро за човекот во неговиот живот, за оние малку денови што така суетно ги живее, што му поминуваат како сенка? Кој ќе му каже на човекот што ќе биде после него под сонцето?

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12