1 Кој е како мудрецот? Кој уште знае да ги толкува работите? Мудроста му го разведрува лицето на човекот и го менува неговиот суров лик.
2 Затоа велам: слушај ја царската повелба заради Божјата заклетва.
3 Не брзај да си заминеш од присуството негово, и не биди тврдоглав кога причината не е добра, зашто тој прави како што му одговара.
4 Зашто во царскиот збор е силата, и кој смее да го праша: „Што правиш?”
5 Кој ги пази заповедите, не познава лоши работи, и срцето на мудрецот знае за времето и за судот.
6 Зашто постои време и суд за сите, а злото тешко го измачува човекот.
7 Зашто тој не знае што ќе биде; а кој може да му каже кога што ќе биде?
8 Никој не може да го совлада духот, за да го задржи духот, ниту има власт над смртниот ден, во тоа војување нема одлагање; ниту нечесноста го избавува оној што ја прави.
9 Го видов сè ова и внимавав со моето срце на секое дело што се прави под сонцето, кога човек владее над човек за негова несреќа.
10 Натаму видов како ги носат безбожниците на гробишта, и луѓето доаѓаа и се враќаа од светото место, и беа заборавени во градот каде што правеа така. И тоа е суета.
11 Кога нема брза пресуда за зло дело, човечкото срце е наклонето да прави зло.
12 И грешникот што прави зло, и стопати живее долго, јас сепак знам дека ќе бидат среќни оние кои се бојат од Бога, зашто се бојат од Него.
13 Не, нечесниот човек нема да биде среќен и нема да ги продолжува своите денови ни како сенка, зашто не се бои од Бога.
14 Но на земјата е суета, па праведниците ги стигнува според делата на нечесните, а нечестивите - според делата на праведниците. Велам и тоа е суета.
15 Затоа ја славам веселбата, зашто нема среќа за човекот под сонцето, туку во јадењето, во пиењето и во насладувањата. И тоа нека го придружува во неговиот труд за време на животот што Бог му го даде под сонцето.
16 Кога го насочив срцето за да ја познаам мудроста, се обидов да сфатам што се работи на земјата. Навистина, човекот не наоѓа спокојство ни дење ни ноќе.
17 Го набљудувам целокупното Божјо дело: и навистина никој не може да го долови онаа што се збиднува под сонцето. Зашто колку и да се труди човек да го открие, никогаш не може да го открие. Па ни мудрецот не може да го открие тоа, иако мисли дека знае.