1 Сè има свое доба, и секоја работа под небото свое време.
2 Време за раѓање и време за умирање; време за садење и време за корнење на посаденото.
3 Време за убивање и време за лечење; време за разурнување и време за градење.
4 Време за плачење и време за смеење; Време за тажење и време за играње.
5 Време за фрлање камења и време за собирање на камења; време за прегрнување и време кога се остава прегрнувањето.
6 Време за барање и време за губење; време за пазење и време за отфрлање.
7 Време за кинење и време за шиење; време за молчење и време за зборување.
8 Време за љубење и време за мразење; време за војна и време за мир.
9 Која е ползата на работникот од неговиот труд?
10 Ја видов таа грижа, што Бог им ја даде на човечките синови, за да се трудат во тоа.
11 Сè што прави Тој е прекрасно во свое време; им ја всадил вечноста во нивните срца, иако човек не може да ги постигне делата што Бог ги прави од почеток до крај.
12 Знам дека нема друга среќа за човекот освен да се весели и да прави добро за време на својот живот.
13 И кога човекот јаде и пие и ужива во својот труд, и тоа е Божји дар.
14 И знам дека сè што прави Бог, останува довека. На тоа не може ништо да му се додаде, ниту може да му се одземе; а Бог прави така за да имаат стравопочитување од Него.
15 Што суштествува, веќе било, и што ќе биде, веќе суштествувало; а Бог го обновува она што помина.
16 Уште гледам дека под сонцето: местото на судот, а таму - беззаконие и место правда - таму неправда.
17 Реков во своето срце: „Бог ќе им суди и на праведникот и на злосторникот зашто тука има време за секакво нешто и за секое дело:
18 реков во своето срце: „Луѓето се однесуваат така, што Бог може да покаже какви се навистина, дека се едни за други како ѕверови,”
19 Зашто навистина, кобта на луѓето и ѕверовите е една и иста. Како гинат едните, така гинат и другите; и дишат со еднаков здив, и човекот со ништо не го надминува ѕверот, зашто сè е суета.
20 И едните и другите заминуваат на исто место; сите станаа од прав и се враќаат во правот.
21 Кој знае дали човечкиот дух се искачува горе, а духот на ѕверот слегува долу во земјата?
22 Согледувам дека нема друга среќа за човекот освен радоста во своето дело, зашто тоа му припаѓа, а кој ќе го доведе до тоа да дознае што ќе биде после него?