1 Пак почнав да ги набљудувам сите насилства што се прават под сонцето, и ете, солзи на угнетуваните, и никој нема да ги избрише; и насилствата на угнетувачката рака, а утешител нема за нив.
2 Затоа ги сметам среќни мртвите што веќе умреле; посреќни се од живите што живеат уште.
3 А од едните и другите е посреќен оној кој уште не постои, кој не ги видел лошите дела што се прават под сонцето.
4 Натаму искусив дека секој напор и секој успех му прибавува на човекот завист од неговиот ближен. И тоа е суета и гонење на ветер.
5 Безумникот ги скрстува рацете и се јаде себеси.
6 Подобро е полн грст во мир отколку двата грста со мачен труд и мака во духот.
7 И уште една суета забележав под сонцето:
8 Човек сосем сам - без син, без брат, и пак нема крај на неговиот труд; очите не можат да му се наситат со богатство; а не мисли: за кого се трудам и си го скратувам доброто себеси? И тоа е суета и зло дело.
9 Подобро им е на двајцата отколку на еден, зашто имаат подобра плата за својот труд.
10 Ако падне едниот, другиот ќе го поткрене а тешко му на едниот! Ако падне, нема никој да го крене.
11 Па и ако се спие двајца заедно потопло е; а како ќе се загрее самецот?
12 И ако некој удри на едниот, двајцата ќе му се спротиват; и троструко јаже не се кине скоро.
13 Подобар е сиромашен младец а мудар, отколку стар цар а неразумен, кој веќе не знае за совет.
14 Зашто младецот може да излезе од темница и да стане цар, а тој и како цар да е роден пак ќе е сиромашен.
15 Забележав како сите кои живеат и одат под сонцето се определија за младецот, за настапникот кој ќе го наследи.
16 Тој стапува на чело на безбројните поданици и идните поколенија не можеа да се радуваат заради него. И тоа е суета и тежина на духот.