Проповедник 5 MKB

1 Кога одиш во Божјиот дом, пази на своите чекори. Приближи се за да можеш подобро да слушаш - отколку да принесуваш жртва на лудиот, зашто нема број на сиот народ на сите тие, на кои им началствуваше, иако наследниците не ќе му се радуваат нему. Тие и не знаат дека прават зло.

2 Не избрзувај со својата уста и срцето да не брза со зборови пред Бога, зашто Бог е на небото, а ти си на земјата; затоа штеди ги своите зборови.

3 Сонот доаѓа од многу грижи, а лудиот говор од многу зборови.

4 Кога ќе му заветуваш нешто на Бога, исполни го тоа веднаш, зашто Нему не Му се мили безумниците. Затоа исполни го секој свој завет.

5 Подобро е да не се заветува отколку да се заветува, а да не се исполни заветот.

6 Не дозволувај и на својата уста да ти наведе телото на грев, и не вели подоцна пред ангелот дека било грешка. Зошто да Му се дава прилика на Бога да се разгневи на твојот збор и да го уништи делото на твоите раце?

7 Зашто колку повеќе соништа и зборови; толку повеќе и суети. Затоа бој се од Бога.

8 Ако видиш дека го угнетуваат сиромавиот и дека ги газат правдата и судот во земјата, не чуди се на тоа, зашто над високиот набљудува повисокиот, а над него највисокиот.

9 Ползата од земјата е за сите: и царот зависи од нивите.

10 Кој ги сака сребрениците, никогаш ги нема достатно; кој го сака богатството, никогаш не му се доста приходите. И тоа е суета.

11 Каде се умножува богатството, се умножуваат и тие кои го јадат; па каква полза му е од тоа на господарот, освен да го гледа со очите?

12 Сладок е сонот на трудољубивиот, дали јал малку или многу, додека богатството не го остава богатиот да заспие.

13 И видов тешко зло под сонцето: собрано богатство што му е на пропаст на својот сопственик.

14 Зашто при лоша незгода пропаѓа таквото богатство, па не му останува ништо на синот што му се родил.

15 Гол излезе од утробата на својата мајка и така гол и ќе си отиде каков што дојде; ништо нема да понесе од сиот свој труд.

16 И тоа е тешко зло зашто си заминува така како што и дошол; па каква му е ползата од тоа што се измачувал за ветер.

17 Сите свои денови ги јаде во темнина, во неволја,во грижа, во болест и во гнев.

18 Затоа го заклучувам ова: права среќа за човекот е да јаде и да пие и да биде задоволен со сиот свој труд, со кој се измачува под сонцето за време на краткиот век што му го дал Бог, зашто таква судбина му е дадена во дел.

19 Па ако Бог му дал на човекот богатство и имот за да ги ужива и за да биде задоволен со своето дело - и тоа е дар од Бога.

20 Зашто тогаш барем не мисли многу на деновите на својот живот, кога Бог му дава да му се весели срцето.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12