П.надпесн. 5:2-8 MKB

2 Јас спијам, но моето срце бдее. Одненадеж глас! Мојот возљубен ми потчукнува: „Отвори ми, сестро моја, возљубена моја; гулабице моја, совршена моја; зашто главата ми е полна со роса, а косата со ноќна влага.”

3 „Ја соблеков мојата облека, како да ја облечам? Ги измив нозете, како да ги извалкам пак?”

4 Мојот возљубен ја провна раката низ отворот и сета моја внатрешност се возбуди од него.

5 Станав, за да му отворам на мојот возљубен, а од мојата рака капеше смирна и потече низ прстите на рачката на клучалката.

6 Му отворив на мојот возљубен, а тој веќе се беше оддалечил и исчезнал; останав без здив кога замина. Го барав, но не го најдов, го викав, но не се одѕва.

7 Ме сретнаа стражарите, кои го обиколуваат градот; ме биеја, ме ранија; и ми ја зедоа наметката чуварите на ѕидовите.

8 Ве заколнувам, ерусалимски ќерки, ако го сретнете мојот возљубен, што ќе му речете? Дека јас изнемоштувам од љубов.