П.надпесн. 8:3-9 MKB

3 Неговата лева рака ми е под главата, а со десната ме прегрнува.

4 Ве заколнувам, ерусалимски ќерки, не будете ја и не тревожете ја мојата возљубена, додека самата не посака!

5 Која е таа што доаѓа од пустината, потпрена врз својот возљубен? Те разбудив под јаболкницата, каде те роди мајка ти, каде твојата родителка те донесе на свет.

6 Стави ме како знак на срце, како печат на твојата рака; зашто љубовта е силна како смртта, а љубомората е цврста како гроб. Нејзиниот жар е жар на огнот, нејзините пламења, Господови пламења.

7 Големи води не можат да ја угаснат љубовта, ниту реките да ја потопат. Да го дава некој за љубовта сето богатство на својот дом, тој би навлекол презир врз себе.

8 Имаме мала сестра, која уште нема гради; што ќе правиме со нашата сестра, кога ќе стане збор за неа?

9 Ако биде како ѕид, ќе изградиме врз него сребрен дворец; ако биде како врата, ќе ја обложиме со кедрови даски.