П.надпесн. 8:5-11 MKB

5 Која е таа што доаѓа од пустината, потпрена врз својот возљубен? Те разбудив под јаболкницата, каде те роди мајка ти, каде твојата родителка те донесе на свет.

6 Стави ме како знак на срце, како печат на твојата рака; зашто љубовта е силна како смртта, а љубомората е цврста како гроб. Нејзиниот жар е жар на огнот, нејзините пламења, Господови пламења.

7 Големи води не можат да ја угаснат љубовта, ниту реките да ја потопат. Да го дава некој за љубовта сето богатство на својот дом, тој би навлекол презир врз себе.

8 Имаме мала сестра, која уште нема гради; што ќе правиме со нашата сестра, кога ќе стане збор за неа?

9 Ако биде како ѕид, ќе изградиме врз него сребрен дворец; ако биде како врата, ќе ја обложиме со кедрови даски.

10 Јас сум ѕид и моите гради се стражарници, затоа јас ќе бидам во неговите очи, како онаа што достигнала до полнота.

11 Соломон има лозје во Вал Амон; им го даде на чуварите и секој треба да донесе за неговите плодови илјада сребреници.