Судии 1:1-7 MKB

1 После смртта на Исуса Израелевите синови Го прашаа Господа: „Кој од нас ќе тргне прв на Ханаанците за да се бори против нив?”

2 А Господ одговори: „Јуда нека отиде прв; ја предавам земјата во неговата рака.”

3 Тогаш Јуда му рече на брата си Симеона: „Дојди со мене во земјата што ми е доделена во наследство - ќе војуваме против Ханаанците, а потоа јас ќе се борам покрај тебе во твојата земја.” И Симеон отиде со него.

4 Јуда отиде, и Господ им ги предаде во рацете Ханаанците и Ферезејците, и погубија во Везек десет илјади луѓе.

5 Во Везек го најдоа Адони- Седек, удрија на него, и ги поразија Ханаанците и Ферезејците.

6 Кога Адони-Седек почна да бега, го гонеа, го фатија и му ги отсекоа палците на рацете и нозете.

7 Тогаш Адони-Седек рече: „Седумдесет цареви, со отсечени палци на рацете и на нозете, собираа трошки под мојот стол. Како што правев, така Бог ми враќа.” Го одведоа во Ерусалим, и таму умре.