Судии 14 MKB

1 И Самсон слезе во Тамнат и здогледа таму девојка од филистејските ќерки.

2 Откако се врати, им го довери тоа на таткото и на мајката: „Забележав во Тамнат - рече тој - девојка од филистејските ќерки: оженете ме со неа.”

3 Таткото и мајката рекоа: „Зар нема девојки меѓу ќерките на твоето племе и во сиот наш народ, па ти одиш да земеш жена од необрезаните Филистејци?” Но Самсон му одговори на татка си: „Ожени ме со неа, зашто таа ми замиле.”

4 Таткото и мајката не знаеја дека тоа е од Господа, Кој бараше закачка со Филистејците, зашто во тоа време Филистејците владееја над Израел.

5 Така Самсон слезе во Тамнат и кога дојде во Тамнатските Лозја, ете - одненадеж пред него скокна млад лав, рикајќи.

6 Господовиот Дух го опфати Самсона и тој голорак го раскина лавот, како што се раскинува јаре; но не им кажа ни на таткото ни на мајката што направил.

7 Откако дојде, разговараше со девојката, и така му замиле.

8 По некое време, кога се врати да ја одведе, Самсон сврти за да го види мртвиот лав, а ете во мртвиот лав рој пчели и мед.

9 Тој зеде мед во рацете, и го јадеше одејќи патем. Кога се врати при таткото и при мајката, им даде и ним, па и тие јадеа, но не им кажа дека го зел од мртов лав.

10 Потоа отиде кај жената, и таму му приготвија гозба на Самсона; траеше седум денови, зашто таков обичај имаа младоженците.

11 Но бидејќи се плашеа од него, избраа триесет свадбени другари да бидат покрај него.

12 Тогаш Самсон им рече: „Ајде да ви дадам загатка. Ако ја отгатнете во текот на седумте свадбени денови, ќе ви дадам триесет ленени кошули и триесет свечени облеки.

13 Но ако не можете да ја отгатнете, вие ќе ми дадете мене триесет ленени кошули и триесет свечени облеки.” „Кажи ни ја загатката - му одговорија тие - ние те слушаме.”

14 А тој им рече: „Од оној што јаде излегло јадење, од силниот излезе слатко.” Но за три дни не можеа да ја отгатнат загатката.

15 На четвртиот ден и рекоа на Самсоновата жена: „Извлечи го од мажот, со измама, решението на гатанката, или ќе ве спалиме и тебе и татковиот ти дом! Зар нè повикавте тука, за да не ограбите?”

16 Тогаш жената, расплакана, пред него рече: „Ти само ме мразиш, и не ме љубиш. Им даде гатанка на синовите на мојот народ, а мене не ми ја објасни.” Тој и одговори: „Не им ја објаснив ни на таткото ни на мајката, па тебе ли ќе ти ја објаснам?”

17 Таа му плачеше околу вратот седум денови, колку што траеше гозбата. На седмиот ден тој и ја кажа, зашто му досади многу. А таа им ја кажа на синовите на својот народ.

18 На седмиот ден, пред зајдисонце, луѓето од градот му рекоа на Самсона: „Што има послатко од мед и што има посилно од лав?” А тој им одговори: „Ако не оравте со мојата јуница, не ќе ја погодевте гатанката.”

19 Тогаш Господов Дух дојде на него, па тој слезе во Аскалон и таму уби триесет луѓе, им ја зеде облеката и им даде свечени облеки на оние, кои ја отгатнаа гатанката, а тогаш сиот гневен се врати во татковата куќа.

20 А Самсоновата жена му ја дадоа на другарот, кој му беше свадбен придружник.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21