Судии 17 MKB

1 Во Ефремовото племе имаше човек по име Миха.

2 Тој и рече на мајката: „Илјадата и сто сребрени сикли што ти беа украдени и заради кои изусти клетва - моите уши ја чуја - тие сребреници се кај мене, јас ги зедов.” Мајка му му одговори: „Господ да те благослови, сине мој!”

3 И Миха и врати илјада и сто сребрени сикли. А мајка му му рече: „Тие сребреници Му ги посветив на Господа од својата рака за тебе, сине мој, за да биде изработен за тоа режан или леан лик. И еве, затоа ги давам.”

4 Мајката зеде двеста сребрени сикли и му ги даде на златарот. Тој направи од нив режан и леан кип, што го поставија во Михината нова куќа.

5 Тој му изгради светилиште, потоа направи ефод (наплеќник) и терафим (куќни идоли) па посвети еден од своите синови за да му биде свештеник.

6 Во тоа време немаше цар во Израел, и секој работеше што сакаше.

7 Беше еден млад човек од Витлеем во Јуда, од Јудиното племе; беше левит и престојуваше таму како придојденик.

8 Тој човек си отиде од градот Витлеем, во Јуда, за да се настани во некое згодно место како придојденик. Патувајќи дојде до Михината куќа во Ефремовата Гора.

9 Миха го праша: „Од каде доаѓаш?” „Јас сум левит од Јудиниот Витлеем - му одговори тој - и патувам да се настанам некаде.”

10 ”Остани кај мене - му рече Миха - и биди ми татко и свештеник, а јас ќе ти давам по десет сребрени сикли годишно, облека и храна.” И левитот влезе.

11 Левитот се согласи да остане кај него, и младиот човек му беше како еден од синовите.

12 Миха го посвети левитот за свештеник; младиот човек стана негов свештеник и живееше во Михината куќа.

13 ”Сега знам - рече Миха - дека Господ ќе ми направи добро кога имам левит за свештеник.”

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21