Судии 19 MKB

1 Во она време кога во Израел уште немаше цар, во Израел живееше еден човек, левит, како придојденик на крајот на Ефремовата Гора. Тој зеде за наложница жена од Јудиниот Витлеем.

2 Откако му се расрди еднаш, неговата наложница го остави и се врати во татковата куќа во Јудиниот Витлеем, и беше таму некое време, околу четири месеци.

3 Нејзиниот маж отиде кај неа за да ја вразуми и за да ја доведе назад; водеше со себе слуга и две ослиња. Додека и приоѓаше на куќата на таткото на младата жена, тестот го забележа и му излезе радосно во пресрет.

4 Тестот, таткото на младата жена, го задржа три дни кај себе, па јадеа, пиеја и ноќеваа.

5 На четвртиот ден поранија; левитот се готвеше да си оди, кога таткото на младата жена му рече на зетот: „Поткрепи се со залак леб, па потоа одете си.”

6 И така седнаа, па двајцата јадеа и пиеја, а тогаш таткото на младата жена му рече на човекот: „ Остани уште ноќеска и нека се развесели твоето срце!”

7 Кога човекот стана да тргне, тестот почна да навалува на него, па тој преноќева уште еднаш таму.

8 На петтиот ден левитот порани да тргне, но таткото на младата жена му рече: „Поткрепи се најнапред!” Така го поминаа времето заедно додека денот не превали.

9 Човекот стана да си оди со соложницата и со слугата, кога тестот, таткото на младата жена, му рече: „Еве денот превали кон вечер, преноќувај тука и повесели се, а утре пораните на пат и ќе се вратиш во твојот дом.”

10 Но човекот нејќеше да преноќева, туку стана и тргна. Така дојде до пред Евус, односно Ерусалим. Со него беа две насамарени ослиња, наложницата и слугата.

11 Кога беа близу Ерусалим, денот веќе многу превали, па слугата му рече на својот господар: „Да влеземе во овој евусејски град и да ноќеваме во него.”

12 Но господарот му одговори: „Нема да влеземе во град на туѓинци, кои не се Израелци, туку ќе одиме до Гаваја.”

13 Уште му рече на слугата: „Ајде, да побрзаме за да стигнеме во некое од тие места - во Гаваја или во Рама.”

14 И поминаа, продолжувајќи го патот. Кога стигнаа пред Венијаминова Гаваја, сонцето заоѓаше.

15 И тие свратија таму, за да одат да ноќеваат во Гаваја. Откако влезе, седна на градското трговиште, но немаше некого за да ги прими во куќата за преноќевање.

16 И ете, еден старец се враќаше, пред вечер, од работа во полето. Тоа беше човек од Ефремовата Гора, живееше во Гаваја како придојденик, а сите жители на местото беа Венијаминови синови.

17 Подигајќи ги очите, го виде патникот на градската улица: „Од каде доаѓаш, и каде одиш?”- го праша старецот.

18 А тој му одговори: „Доаѓаме од Јудиниот Витлеем кон Ефремовата Гора, од каде што сум јас. Отидов во Јудиниот Витлеем и се враќам дома; но нема некој за да ме прими кај себе во куќата.

19 Имам и слама и крма за моите ослиња, а и леб и вино за себе, за мојата жена и за момокот, што ме придружува мене, твојот слуга. Имаме сè доста.”

20 ”Мир со тебе и добро ми дојде - одговори старецот. - Моја грижа е за тоа што ти е потребно, само не ноќевај на улица.”

21 И го воведе во својот дом и им даде крма на ослиците. Патниците си ги измија нозете, а тогаш јадеа и пиеја.

22 Додека тие се закрепнуваа, ете, некои граѓани, развратни луѓе, му ја опкружија куќата и, тропајќи со сета сила на вратата, му рекоа на старецот, господарот на куќата: „Изведи го тој човек кој влезе во твојот дом за да го познаеме.”

23 Тогаш домаќинот излезе од куќата и им рече: „Не, браќа мои, не правете зло. Човекот влезе во мојот дом, затоа не правете беззаконие.

24 Еве, мојата ќерка е девица, ќе ви ја отстапам. Правете со неа што ви е мило, но на овој човек не правете му беззаконие.”

25 Луѓето не сакаа да го послушаат. Тогаш оној човек ја зеде соложницата па им ја изведе. Тие ја силуваа и ја измачуваа цела ноќ до утрото, а кога забелеа мугрите, ја пуштија.

26 Пред зората, жената дојде и падна при вратата на куќата на оној човек каде што беше нејзиниот господар, и лежеше таму додека не се раздени.

27 Нејзиниот господар стана наутро, ја отвори куќната врата па излезе за да го продолжи патот; кога ја забележа жената, својата соложница, како што лежи при куќната врата, со рацете на прагот.

28 ”Стани, да си одиме” - и рече. Но немаше одговор. Тогаш ја зеде, ја натовари на ослето и тргна на пат за да се врати дома.

29 Кога дојде дома, извади нож и го зеде мртвото тело на соложницата, го исече, член по член, на дванаесет делови и ги распрати во сите краишта на Израел.

30 И секој што виде, рече: „Вакво нешто не се случило од денот кога Израелците излегоа од Египет до денешниот ден. Треба за тоа да се размисли, да се посоветува и да се зборува.”

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21