1 Во она време немаше цар во Израел. Тогаш Дановото племе бараше земја каде да се насели, зашто до тој ден не им падна наследство меѓу Израелевите колена.
2 Затоа Дановците испратија петмина луѓе од своето племе, луѓе особено храбри од Сараја и од Естаол, за да ја извидат и за да ја запознаат земјата. И им рекоа: „Одете, извидете ја земјата.” И тие дојдоа во Ефремовата Гора, до Михината куќа, и заноќија таму.
3 Бидејќи беше близу до Михината куќа, го познаа гласот на младиот левит; навратија таму па го прашаа: „Кој те доведе ваму? Што правиш тука? И зошто си тука?”
4 А тој им одговори: „Миха направи така и така за мене. Тој ме глави, а јас му служам како свештеник.”
5 ”Прашај Го Бога - му рекоа - да знаеме дали ќе ни успее патот по кој одиме?”
6 ”Одете во мир - им одговори свештеникот - патот по кој што тргнавте е по Господова волја.”
7 Тогаш оние петмина отидоа и стигнаа во Лаис. И видоа дека народот што е во него живее без страв - според обичајот на Сидонците: безгрижно и мирно; дека имаат сè што раѓа земјата; дека се далеку од Сидонците и дека немаат никакви односи со други.
8 Кога се вратија при своите браќа во Сараја и во Естаол, браќата ги прашаа: „Што научивте?”
9 Тие одговорија: „На нозе! Да се нафрлиме врз нив! Земјата што ја видовме е многу добра. О вие, мрзливци! Не се двоумете да се нафрлите за да ја освоите земјата.
10 Кога ќе дојдете, ќе најдете таму безгрижен народ. Земјата е пространа. Бог го предава во ваши раце местото што не е скудно во ништо што раѓа земјата!”
11 Така оттаму тргнаа шест стотини вооружени луѓе од Дановото племе од Сараја и од Естаол.
12 Тргнаа и се влогорија во Киријат-Јарим во Јуда. Затоа тоа место се вика до денешниот ден Махане-Дан (Данов Логор), а се наоѓа западно од Киријат-Јарим.
13 Оттаму се запатија во Ефремовата Гора и дојдоа до Михината куќа.
14 А оние петмина, кои беа отишле да ја согледуваат земјата, им рекоа на своите браќа: „Знаете ли дека во куќава имаат наплеќник, терафим и леан кип. Сега внимавајте што ќе правите.”
15 Завртувајќи, тие влегоа во куќата на младиот левит, во Михината куќа, и го поздравија.
16 И додека шест стотини вооружени луѓе од Дановите синови стоеја пред вратата,
17 оние петмина, кои отидоа да ја извидат земјата, влегоа, ги зедоа наплеќникот, терафимот и леаниот кип, а свештеникот стоеше на прагот покрај шест стотини вооружени луѓе.
18 Кога влегоа во Михината куќа и ги зедоа наплеќникот, терафимот и леаниот кип, свештеникот им рече: „Што правите?”
19 ”Молчи - му одговорија. - Стави ја раката на уста и дојди со нас. Ќе ни бидеш татко и свештеник. Зар ти е подобро да бидеш свештеник во куќата на еден човек, отколку да бидеш свештеник на едно племе и род во Израел?”
20 Свештеникот се зарадува; тој ги зеде наплеќникот, терафимот и режаниот и леан кип па отиде со луѓето.
21 Се вратија на патот по кој што тргнаа, отидоа откако ги пуштија напред жените и децата, добитокот и скапоценостите.
22 Веќе беа далеку од Михината куќа, кога ете луѓето, кои живееја во соседните куќи, до Михината, се узбунија и тргнаа во потера по Дановците.
23 Кога почнаа да викаат по Дановите синови, тие се обѕрнаа и му рекоа на Миха: „Што ти е? Што се собравте?”
24 Тој одговори: „Ми го зедовте богот, кого што си го направив за себе и свештеникот па си отидовте. А што ми останува мене! И уште велите: ‘Што ти е?’”
25 Дановите синови му одговорија: „Да не те чуеме веќе! Зашто гневни луѓе можат да удрат на вас, па ќе ги упропастиш себеси и својата куќа!”
26 Дановите синови отидоа натаму, а Миха, гледајќи дека се посилни од него, се заврте и се врати дома.
27 И така, откако ги зедоа: богот што го имаше направено Миха и свештеникот, кого го глави за да му служи, Дановите синови удрија против Лаис, на мирни и спокојни луѓе, па ги исекоа со остар меч и го спалија градот.
28 Немаше некој да им помогне на лаисците, зашто беа далеку од Сидон и немаа никакви односи со Арамејците, а освен тоа градот беше во долина што се тегнеше кон Вет-Реов. Потоа пак изградија град и се населија во него.
29 И го нарекоа Дан, по името на својот предок Дан, кој му се роди на Израел. А порано градот се викаше Лаис.
30 Дановите синови си го наместија режаниот и леаниот кип. А Јонатан, синот Гирсонов, син Манасиев, а потоа неговите синови, беа свештеници на Дановото племе до денот кога народот беше одведен на заточение.
31 И им стоеше режаниот и леаниот кип, што го направи Миха, и остана таму за сето време додека Божјиот Дом беше во Сило.