Судии 13:8-14 MKB

8 Тогаш Маној Му се помоли на Господа и рече: „Господи, Те молам, Божјиот човек, што еднаш го испрати, нека дојде уште еднаш кај нас и нека нè поучи што треба да правиме со детето кога ќе се роди!”

9 Господ го послуша Маноја, и Господовиот Ангел дојде пак кај жената додека седеше во полето. Маној, нејзиниот маж, не беше покрај неа.

10 Жената отрча брзо за да го извести мажот и му рече: „Ете, ми се јави човекот, кој дојде кај мене во оној ден.”

11 Маној стана, тргна по жената, и кога дојде при човекот, го праша: „Дали си ти оној, кој зборуваше со женава?” А тој одговори: „Јас сум.”

12 ”Кога ќе се исполни она што си го рекол - пак рече Маној - според кои прописи и како треба да се постапува со детето?”

13 Господовиот Ангел му одговори на Маноја: „Жената нека се чува од сè што и забранив.

14 Нека не ужива ништо што доаѓа од виновата лоза, нека не пие ни вино ни жестоки пијалаци, нека не јаде ништо нечисто, и нека пази сè што и заповедав.”