Судии 14:10-16 MKB

10 Потоа отиде кај жената, и таму му приготвија гозба на Самсона; траеше седум денови, зашто таков обичај имаа младоженците.

11 Но бидејќи се плашеа од него, избраа триесет свадбени другари да бидат покрај него.

12 Тогаш Самсон им рече: „Ајде да ви дадам загатка. Ако ја отгатнете во текот на седумте свадбени денови, ќе ви дадам триесет ленени кошули и триесет свечени облеки.

13 Но ако не можете да ја отгатнете, вие ќе ми дадете мене триесет ленени кошули и триесет свечени облеки.” „Кажи ни ја загатката - му одговорија тие - ние те слушаме.”

14 А тој им рече: „Од оној што јаде излегло јадење, од силниот излезе слатко.” Но за три дни не можеа да ја отгатнат загатката.

15 На четвртиот ден и рекоа на Самсоновата жена: „Извлечи го од мажот, со измама, решението на гатанката, или ќе ве спалиме и тебе и татковиот ти дом! Зар нè повикавте тука, за да не ограбите?”

16 Тогаш жената, расплакана, пред него рече: „Ти само ме мразиш, и не ме љубиш. Им даде гатанка на синовите на мојот народ, а мене не ми ја објасни.” Тој и одговори: „Не им ја објаснив ни на таткото ни на мајката, па тебе ли ќе ти ја објаснам?”