Судии 15:11-17 MKB

11 Тогаш три илјади Јудејци отидоа кај пештерата на Итамската Стена и му рекоа на Самсона: „Зар не знаеш дека Филистејците господарат над нас? Тогаш зошто ни го направи тоа?” Тој им одговори: „Како тие мене, така јас ним!”

12 А тие му рекоа: „Дојдовме да те врзиме и да те предадеме во рацете на Филистејците.” „Заколнете ми се - им рече - дека не ќе ме убиете.”

13 ”Не - му одговорија, - ние само ќе те врзиме и ќе те предадеме во нивните раце, но навистина не сакаме да те убиеме.” Тогаш го врзаа со две нови јажиња и го одведоа од пештерата.

14 Кога го доведоа во Лехиј, и кога Филистејците, викајќи од радост, стрчаа кон него, Господовиот Дух го опфати, и јажињата на неговите раце станаа како ленени конци, прегорени со оган, и му паднаа од рацете.

15 Откако забележа уште пресна челуст од осле, ја протегна раката, ја зеде онаа челуст и со неа уби илјада луѓе.

16 Тогаш Самсон рече: „Со челуст на осле претепав купови, со челуст на осле убив илјада.”

17 Откако го дорече тоа, ја фрли челуста од раката. Затоа оттогаш тоа место го викаат Рамат-Лехиј (Фрлена челуст).