Судии 16:15-21 MKB

15 Делила му рече: „Како можеш да речеш дека ме љубиш кога твоето срце не е со мене. Веќе трипати ме измами и не ми кажа во што е твојата голема сила.”

16 Бидејки секој ден му здодеваше и го мачеше, нему веќе му тежеше во душата до смрт.

17 И и го отвори целото свое срце: „Никогаш брич не поминал преку мојата глава, зашто од мајчината утроба сум Божји Назиреј. Ако ме избричат сета сила ќе ме остави, ќе бидам обессилен и ќе станам како обичниот човек.”

18 Тогаш Делила сфати дека и го отвори целото свое срце; ги повика филистејските кнезови и им рече: „Дојдете сега, зашто ми го отвори целото свое срце.” И филистејските кнезови дојдоа кај неа и донесоа сребреници со себе.

19 Откако го заспа Самсона на своите колена, таа повика човек па му избричи од главата седум плетенки коса. Така тој почна да слабее, и силата го остави.

20 Кога таа извика: „Самсоне, ете се Филистејците врз тебе!” тој се разбуди и помисли: „Ќе се извлечам како и секогаш и ќе се ослободам.” Но не знаеше дека Господ се сврти од него.

21 Филистејците го фатија, му ги извадија очите и го одведоа во Газа. Го оковаа со двојни бронзени вериги, та вртеше мелница во темницата.