Судии 18:11-17 MKB

11 Така оттаму тргнаа шест стотини вооружени луѓе од Дановото племе од Сараја и од Естаол.

12 Тргнаа и се влогорија во Киријат-Јарим во Јуда. Затоа тоа место се вика до денешниот ден Махане-Дан (Данов Логор), а се наоѓа западно од Киријат-Јарим.

13 Оттаму се запатија во Ефремовата Гора и дојдоа до Михината куќа.

14 А оние петмина, кои беа отишле да ја согледуваат земјата, им рекоа на своите браќа: „Знаете ли дека во куќава имаат наплеќник, терафим и леан кип. Сега внимавајте што ќе правите.”

15 Завртувајќи, тие влегоа во куќата на младиот левит, во Михината куќа, и го поздравија.

16 И додека шест стотини вооружени луѓе од Дановите синови стоеја пред вратата,

17 оние петмина, кои отидоа да ја извидат земјата, влегоа, ги зедоа наплеќникот, терафимот и леаниот кип, а свештеникот стоеше на прагот покрај шест стотини вооружени луѓе.