Судии 2:12-18 MKB

12 Го оставија Господа, Бога на своите татковци, кој ги изведе од Египетската Земја, и тргнаа по други богови, меѓу боговите на околните народи. Им се поклонуваа, Го разгневија Господа.

13 Отпаднаа од Господа за да им служат на Ваал и на Астарта.

14 Затоа Господ го излеа Својот гнев на Израел: ги остави на ограбувачите да ги ограбуваат, им ги предаде на непријателите наоколу, така што не можеа да им се спротиват.

15 Што и да почнеа, Господовата рака се свртуваше против нив за нивна несреќа, како што им рече Господ и како што им се заколна. И така паднаа во голема неволја.

16 Тогаш Господ почна да им издига судии, за да ги избавуваат од рацете на оние што ги ограбуваа.

17 Но тие не ги слушаа ни своите судии, туку изневеруваа со други богови и им се поклонуваа. Бргу се отклонија од патот по кој одеа нивните татковци слушајќи ги Господовите заповеди; тие не правеа така.

18 Кога им воздигаше судии, Господ беше со секој судија па ги избавуваше од рацете на нивните непријатели во текот на сиот век на судијата, зашто Му беше жал на Господа колку воздивнуваа под јаремот на оние кои ги угнетуваа.