27 И тогаш Израелците пак Го прашаа Господа, (зашто во она време Ковчегот на Божјиот Завет се наоѓаше на тоа место,
28 и Финес, син на Ароновиот син Елеазар, стоеше пред него во оние денови.) Тие прашаа: „Треба ли пак да излеземе против синовите на нашиот брат Венијамин?” А Господ им одговори: „Тргнете, зашто утре ќе ги предадам во ваши раце.”
29 Тогаш Израел постави чети во заседа околу Гаваја.
30 На третиот ден Израелците тргнаа против Венијаминовците, и се наредија во бојни редови пред Гаваја, како и порано.
31 Венијаминовите синови излегоа против нив, а тие ги намамија далеку од градот. Како и порано Венијаминовците убиваа некои по патиштата, од кои еден водеше кон Ветил, а другиот во Гаваја; така убија околу триесет Израелци.
32 И Венијаминовите синови зборуваа: „Еве ги биеме како и првиот пат.” А Израелците рекоа: „Да бегаме додека не ги намамиме на отворени патишта, далеку од градот!”
33 Тогаш главнината на Израелевата војска стана од својот положај и се нареди во боен ред кај Вал Тамара, а Израелевата заседа излезе од своето засолниште западно од Гаваја.