Судии 3:25-31 MKB

25 Го чекаа долго време, со двоумење, зашто тој не ја отвори вратата на горницата. Најпосле зедоа клуч и отворија: нивниот господар лежеше на земјата, мртов.

26 Додека тие чекаа, Аод избега, ги замина веќе вајаните кипови и се засолна во Сеирот.

27 Штом дојде во Израелевата Земја, затруби во рог на Ефремовата Гора; и Израелевите синови слегоа со него од гората, а тој им стоеше на чело.

28 И им рече: „Врвете по мене! Господ ви ги предаде во рацете Моавците, вашитенепријатели.” Тие тргнаа по него, им го затворија на Моавците патот преку бродовите на Јордан и не оставија никого да премине.

29 Погубија во тоа време околу десет илјади Моавци, сè крупни и храбри луѓе, и ниеден не им избега.

30 Во тој ден Моавците потпаднаа под Израелева рака, и земјата беше мирна осумдесет години.

31 По него беше Самегар, синот Анатов. Тој погуби шест стотини Филистејци со воловски остен. Така и тој го избави Израел.