Судии 6:13-19 MKB

13 Гедеон му одговори: „Ох, господару, ако е Господ со нас, зошто нè најде сè ова? Каде се сите оние Негови чудеса за кои ни раскажуваа нашите татковци, говорејќи: Не нè изведе ли Господ од Египет? А сега Господ нè остави, нè остави во рацете на Мадијамците.”

14 Тогаш Господ погледна кон него и му рече: „Оди со таа сила во тебе, и ќе го избавиш Израел од рацете на Мадијамците. Јас те испраќам тебе.”

15 ”Но, господару - Му одговори Гедеон - како ќе го избавам Израел? Мојот род е најмал во Манасиевото племе, а јас сум последен во куќата на мојот татко.”

16 Господ му рече: „Јас ќе бидам со тебе, па ќе ги победиш Мадијамците како еден човек.”

17 Гедеон Му рече: „Ако најдов милост во Твоите очи, дај ми знак дека Ти зборуваш со мене.

18 Не заминувај оттука додека не се вратам со дар и додека не го ставам пред Тебе.” А Тој одговори: „Ќе останам додека не се вратиш.”

19 Гедеон отиде, зготви јаре и пресни лебови од ефа брашно, стави месо во кошницата и чорба во грнчето па го донесе сè тоа под дабот.