Судии 7:17-23 MKB

17 ”Гледајте ме - им рече, - и правете што ќе правам и јас! Кога ќе дојдам на работ на логорот, правете што ќе правам и јас!

18 Кога ќе затрубам во рогот, јас и сите кои се со мене, тогаш трубете и вие во рогот околу сиот логор и викајте: ‘За Господа и за Гедеона!’”

19 Гедеон и стотина луѓе, кои го придружуваа, дојдоа до работ на логорот, при почнување на средната (ноќна) стража: туку што ги поставија стражите, тие затрубија во роговите и ги скршија врчвите што ги имаа во рацете.

20 Така трите одреди затрубија во роговите: во левата рака ги држеа запалените борини, а со десната роговите за да трубат, и почнаа да викаат: „За Господа и за Гедеона!”

21 И секој стоеше неподвижно на своето место околу логорот. Тогаш сиот логор се разбуди, и Мадијамците, викајќи почнаа да бегаат.

22 Додека оние три стотини трубеа во роговите, Господ направи па тие во логорот го свртија мечот еден против друг. И сета војска се разбега до Вет-Асет, кон Зерерат, до Авел-Меолскиот Брег кај Тават.

23 А Израелците од коленото Нефталимово и Асирово и од сето Манасиево колено се собраа и ги подгонија Мадијамците.