Судии 8:15-21 MKB

15 Потоа Гедеон отиде кај Сокхотците и рече: „Еве ги Зевеј и Салман заради кои ми се потсмевнувавте мене, велејќи: ‘Дали се Зевеевата и Салмоновата рака веќе во твојата рака па да им дадеме леб на твоите изнемоштени луѓе?’”

16 Ги фати градските старешини, набра пустински трња и глогови, и ги казни со нив Сокхотците.

17 Ја разурна Фануилската Кула и ги погуби жителите.

18 Тогаш им рече на Зевеј и Салман: „Какви беа луѓето кои ги погубивте на Тавор?” „Личеа на тебе, - одговорија. - Секој беше како царски син.”

19 ”Тоа беа мои браќа, синови на мајка ми - рече Гедеон - Господ е жив! Ако ги оставевте во живот, јас не би ве убил.”

20 Потоа му заповеда на својот првенец Етер: „Стани, погуби ги!” Но детето не извлече меч: се боеше, уште беше младо.

21 Тогаш Зевеј и Салман рекоа: „Стани ти и нападни нè зашто каков е човекот, таква му е и силата.” И откако стана, Гедеон ги погуби Зевеја и Салмана, и ги зеде месечинките украси што висеа на вратот на нивните камили.