Судии 9:23-29 MKB

23 Тогаш Господ испрати дух на раздор меѓу Авимелеха и сихемските жители, и сихемските граѓани се побунија против Авимелеха,

24 за да биде одмазден, на тој начин, злосторот направен над седумдесетте Јеровалови синови и за да падне нивната крв на нивниот брат Авимелех, кој ги погуби, и на жителите на Сихем, кои му помогнаа да ги убие браќата.

25 Сакајќи да му напакостат, сихемските жители поставија заседи по планинските врвови и го ограбуваа секого, кој би поминал покрај нив по оној пат. Му го јавија тоа на Авимелеха.

26 Гал, синот Еведов, дојде со своите браќа и се насели во Сихем; а сихемските жители имаа доверба во него.

27 Откако отидоа во полето, во своите лозја, собираа грозје и го газеа, а потоа почнаа со веселба; влегоа во храмот на својот бог, јадеа, пиеја и го проколнуваа Авимелеха.

28 А Гал, синот Еведов, извика: „Кој е Авимелех за да му служиме? Зар не би требало Јероваловиот син и неговиот заменик Зевул да им служат на луѓето на Емор, Сихемовиот татко? Зошто ние да му служиме нему?

29 О, кога би го имал овој народ во својата рака, би го протерал Авимелеха и би му рекол: ‘Зголеми ја својата војска и излези во бој!’”