Откровение 10 MNT

1 Потоа забележав еден друг силен ангел како слегува од небото. Беше обвиткан со облак, а над главата имаше божилак. Лицето му светеше како сонце, а нозете - како огнени столбови.

2 Во рацете држеше отворена книшка. Десната нога му беше врз морето, а левата врз копното.

3 Тој проговори со глас како лавовски рев. Во одговор се огласија седум грмотевици.

4 Кога се огласија седумте грмотевици сакав да го запишам тоа што го рекоа тие, но еден глас од небото ми рече: „Не запишувај го тоа што го рекоа седумте грмотевици; тоа нека остане тајна!“

5 Тогаш, ангелот што го видов порано со едната нога врз морето а со другата врз копното ја крена својата десна рака кон небото

6 и се заколна во името на Вечно-Живиот, Творецот на небото, на Земјата, на морето и на секое живо суштество во нив, велејќи:

7 „Одлагање повеќе ќе нема! Штом ќе затруби седмиот ангел ќе се исполнат Божјите тајни планови, како што Тој им навестуваше на Своите слуги - пророците!“

8 Тогаш пак ми проговори гласот од небото и ми рече: „Оди, земи ја отворената книшка од раката на ангелот кој стои врз морето и врз копното.“

9 Кога отидов кај ангелот да му ја побарам книшката, тој ми рече: „Земи ја и изеди ја! Таа во устата ќе ти биде блага како мед, но кога ќе ја проголташ во стомакот ќе ти стане горчлива!“

10 Ја зедов книшката од ангелот и ја изедов; во устата ми беше слатка како мед, но кога ја проголтав, ми ја загорчи целата утроба.

11 Тогаш ми беше речено: „Ќе треба да продолжиш да ја проповедаш Божјата пророчка порака за она што ќе се случи со луѓето од многубројните народи, раси, јазици и со нивните цареви.“

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22