1 Потоа, во десната рака на Оној што седеше на престолот забележав Книга испишана и однадвор и однатре, запечатена со седум печати.
2 Тогаш видов и еден силен ангел кој со многу силен глас запраша: „Кој е достоен да ја отвори Книгата, да ги скрши нејзините печати?“
3 Но не се најде никој, ни на небото, ни на Земјата, ниту пак во Подземниот свет, што можеше да ја отвори Книгата и да ја прочита.
4 Јас многу плачев поради тоа што не се најде ниту еден што ќе биде достоен да ја отвори Книгата и да ја прочита.
5 Тогаш еден од старешините ми рече: „Не плачи! Еве Го Победникот - Лавот од племето на Јуда, Давидовиот Потомок - Тој ќе ги скрши печатите и ќе ја отвори Книгата!“
6 Тогаш погледнав и Го видов Јагнето. Стоеше сред престолот, опкружено со четирите суштества и со дваесет и четирите старешини. Јагнето имаше лузна како некогаш да било заклано. Имаше седум рогови и седум очи, кои Го претставуваа седумкратниот Божји Дух испратен по целата Земја.
7 Јагнето пристапи и ја зеде Книгата што ја држеше во десната рака Седнатиот на престолот.
8 Кога Јагнето ја зеде Книгата, четирите суштества и дваесет и четирите старешини паднаа ничкум пред Него. Секој од нив во рацете имаше харфа и златен пехар полн со запален темјан, што ги претставуваше молитвите на Божјите луѓе.
9 Тие пееја нова песна со следниве зборови: ,Ти Си достоен да ја земеш Книгата, да ги скршиш нејзините печати и да ја отвориш, зашто Ти беше убиен и со Својата крв откупи за Бог луѓе од сите племиња, јазици, народи и раси.
10 Нив ги направи Божјо царство и Негови свештеници кои ќе владеат на Земјата.“
11 Во моето видение понатаму чув песни од многубројни ангели собрани околу престолот, околу четирите суштества и околу старешините. Бројот на ангелите беше многу милиони
12 и тие пееја громогласно, во хор: “Јагнето што беше убиено е достојно да добие власт, богатство, мудрост, моќ, чест, слава и благослов!“
13 Тогаш чув како проговорија сите суштества на небото, на земјата, под земјата и во морето. Сите пееја здружени во хор: “Благослов, чест, слава и моќ за Оној што седи на престолот и за Јагнето, за вечни векови!“
14 А четирите суштества одговараа: „Амин!“, додека дваесет и четирите старешини паднаа ничкум и им се поклонија на Бог и на Јагнето.