Откровение 20 MNT

1 Потоа видов еден ангел како слегува од небото; во рацете го носеше клучот од Бездната и една голема верига.

2 Тој го фати Змејот - старата Змија, познат и како Ѓавол и Сатана - и го окова во верига за период од илјада години.

3 Потоа го фрли во Бездната. Таму го затвори и го заклучи, за да не ги заведува народите во период од илјада години. Потоа тој ќе биде пуштен, но само за кратко време.

4 Потоа видов престоли; луѓето што седеа на нив, беа овластени да судат. Ги забележав и душите на погубените поради вера во Исус и проповедање на Божјото Слово и на сите оние што не му се поклонија на Ѕверот, ни на неговата икона и не го примија неговиот белег на челото или на раката. Видов како тие воскреснаа и царуваа со Христос илјада години.

5 (Другите умрени нема да воскреснат додека не поминат илјада години.)

6 Благословени и свети се оние што ќе бидат учесници во првото воскресение! Втората смрт ќе нема власт над нив; тие ќе бидат Божји и Христови свештеници и ќе царуваат со Нив илјада години.

7 Кога ќе изминат илјада години, Сатаната ќе биде пуштен од затворот во Бездната.

8 Тој ќе тргне да ги заведува народите по сите четири страни на светот - народите на Гог и Магог, кои заедно со него ќе тргнат во војна. Ќе собере многубројна војска, колку што има зрнца песок на морските брегови.

9 Тие ќе излезат на широката земна рамнина и ќе го опколат живеалиштето на Божјиот народ и Неговиот омилен град. Но тогаш ќе слезе оган од небото и ќе ја уништи целата армија.

10 Тогаш Ѓаволот, кој ги заведуваше, ќе биде фрлен во Огненото Езеро полно со запален сулфур, каде што претходно веќе беа фрлени и Ѕверот и лажниот пророк. Таму ќе бидат деноноќно мачени за вечни векови.

11 Потоа го видов големиот бел престол и Оној што седи на него. Земјата и небото бегаа од Неговото присуство, но не најдоа место каде би се скриле од Него.

12 Ги видов и починатите луѓе, мали и големи - сите до еден стоеја пред Божјиот престол. Прво беа отворени некои книги, а потоа и Книгата на животот. На починатите им беше судено според она што за нивните дела го пишуваше во книгите.

13 Морето ги предаде луѓето загинати во него, а и Смртта и Адот ги предадоа умрените луѓе што тие ги држеа. На сите луѓе им беше судено според нивните дела.

14 А потоа, Смртта и Адот беа фрлени во Огненото Езеро. Огненото Езеро е втората смрт.

15 Секој човек чие име не се најде запишано во Книгата на животот беше фрлен во Огненото Езеро.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22